Младиот волонтер кој вдишал поголемо количество чад при гаснење на пожарот, е згрижен на Клиниката за токсикологија во Скопје
Иван Кукуновски, кој вчера вдишал поголемо количество чад за време на гаснењето на големиот пожар во Чучер-Сандево, е во стабилна состојба и згрижен на Клиниката за токсикологија во Скопје.
Оваа информација за трендинг.мк ја потврди неговиот татко, Јовица Кукуновски.
Пожарот избувна во ридско-планинскиот предел во општината Чучер-Сандево и предизвика сериозни штети. Иван Кукуновски бил дел од екипите кои повеќе од 24 часа се бореа со огнената стихија. Пожарот во одреден момент се закануваше да ги зафати и околните населени места.
Пожртвуваност на теренот
Пожртвуваноста на младиот Иван Кукуновски е само уште еден доказ за храброста и посветеноста на сите волонтери, пожарникари и припадници на институциите кои активно учествуваа во справување со пожарот во Чучер-Сандево.
Јавноста силно ја поздрави ангажираноста на волонтерите, а лекарите кои ја следат состојбата на Кукуновски информираат дека неговото здравје е стабилно.
Иако е хоспитализиран поради последици од вдишување чад, лекарите не очекуваат дополнителни компликации. Иван е под 24-часовен надзор.