Дебата за религиозната облека продолжува

Врховниот суд на Косово денеска ја потврди одлуката за забрана на носење хиџаб во јавните училишта, оценувајќи дека таа е во согласност со кодексот за облекување пропишан од Министерството за образование, наука, технологија и иновации. Со оваа одлука, судот ја отфрли тужбата поднесена од организацијата за професионален развој на жените „Арита“.

Организацијата „Арита“ тврдела дека забраната е неоснована и претставува форма на дискриминација. Во нивната тужба се наведува:

„Во последните четири години, бројни девојчиња биле исфрлени од училиштата или им било забрането да посетуваат настава само поради носење шамија.“

По жалбите на средношколците, „Арита“ се обратила до Врховниот суд барајќи поништување на одлуката. Сепак, судот ја отфрли жалбата, наведувајќи:

„Министерството за образование има законско овластување да ги утврдува правилата на однесување и облекување на учениците, во согласност со Законот за предуниверзитетско образование и Законот за стручно образование и обука.“

Темата за носење хиџаб во училиштата предизвикува жестока дебата во Косово веќе со години, каде што околу 92 проценти од населението се муслимани. Дебатата првпат доби поширок јавен карактер во 2010 година, кога административните упатства на Министерството воведоа забрана за „религиозни униформи“, што вклучуваше и носење шамии.

Исламската заедница на Косово реагираше остро, истакнувајќи:

„Шамијата не е религиозна униформа, туку дел од религиозната обврска на секоја муслиманка.“