Во пресрет на утрешната најавена средба на амбасадорот на САД во Србија, Кристофер Хил со српскиот претседател Александар Вучиќ, тој за Политика изјави дека за Србија има само еден пат, а тоа е Западот и ЕУ, порачувајќи дека во животот мора да се направат избори и дека ова е таков момент, јави дописникот на МИА од Белград.
-За разлика од минатото, кога во Србија се мислеше дека постои трет пат, дека Србија не е ниту на исток ниту на запад, дека е посебна и оди по својот пат, сега мнозинството во Србија смета дека постои прав пат и погрешен пат и сака да го избере тој вистински пат. Мислам дека има само еден пат за Србија, а тоа е Западот, тоа е Европската Унија, изјави амбасадорот Хил во интервју за Политика.
Американскиот амбасадор оцени дека граѓаните на Србија „одлучиле нивната иднина да е на Запад, а не на некој недефиниран Исток“. „
-Ова го кажувам врз основа на она што секојдневно го слушам од луѓето, но и врз основа на изјавите на претседателот Вучиќ, рече Хил.
Тој оцени дека Украина и Косово се „многу различни ситуации“ и повика да не се поврзува она што се случи на Косово во 1999 година со она што се случува во Украина денеска.
Изрази разочарување што „проблемот на Косово сè уште постои“ и рече дека „Србија и Косово се соседни земји кои треба да решат многу проблеми“, оценувајќи дека „вистинскиот начин е дијалогот преку ЕУ и преговорите во Брисел“.
-Сите елементи мора да бидат на преговарачка маса и не можете да кажете за ова сакам да зборувам, а не сакам за ова. Обесхрабрен сум кога го гледам ова, истакна Хил.
Говорејќи за воведувањето санкции против Русија, американскиот амбасадор рече дека Србија треба да одлучи дали односите со Русија и донеле добро и дали тие добро им служат на српските интереси.
-Кога Путин го наведе Косово како инспирација за плановите на Украина, на повеќето им звучеше чудно. Не сум сигурен дека Русија се грижи за Србија, ниту порано, а особено сега, рече Хил, додавајќи дека „не е во интерес на Србија да биде енергетски толку зависна од Русија“.
-Ние не сакаме недостиг (на енергенти). Сакаме да и помогнеме на Србија да има пристап до природен гас и гасоводи, рече Хил, изразувајќи мислење дека Русија не е сигурен снабдувач и да САД „се обидуваат да ја натераат Србија да се приклучи на американските гасоводи“.
-Го извезуваме тој гас, градиме цевководи и се обидуваме да ја поврземе Србија со гасоводи во поморските пристаништа. Тука е и нуклеарната енергија, која мислам дека треба да се поддржи, посочи Кристофер Хил.