Најмалку 14 лица позитивни на омикрон пристигнале од Јоханесбург и Кејп Таун на аеродромот „Шипхол“ во Амстердам на 26 ноември, објави Националниот институт за здравје (RIVM).

– Но, омикрон-варијанта најдовме и во два тест-примерока од 19 и 23 ноември. Сè уште не е разјаснето дали овие лица ја посетиле Јужна Африка соопштија од RIVM.

Откривањето на омикрон-сојот го загрижи светот и се стравува дека постојните вакцини не се ефикасни против новата варијанта, што може да ја продолжи пандемијата, која трае речиси две години.

Холандските власти во меѓувреме бараат да стапат во контакт и да тестираат околу 5.000 патници што пристигнале од Јужна Африка, Боцвана, Есватини, Лесото, Мозамбик, Намибија и од Зимбабве.

Во Холандија во неделата стапија во сила построги мерки против Ковид-19 за да се спречи ширењето, со оглед на рекордниот број инфекции од речиси 20.000 дневно и да се намали притисокот врз болниците.