Ние обезбедуваме болнички кревети за сите пациенти. Тоа го правиме по системот на ротација. Имено, и тука во Скопје, се отворија дополнителни ковид-центри, од вчера и на интерните клиники. Имаме секојдневна консултација со директорите и согласно расположливиот кадар, лекари и медицински сестри, се отвораат овие дополнителни центри, соопшти Филипче.

Во однос на возрасната група на пациентите, најзастапени се оние над 60 години, а најмал процент е на малите деца.

Има дваесетина деца хоспитализирани во болницата во Козле и тие имаат релативно лесна форма на болеста. Задржани се на болничко лекување, пред сè заради поголемо внимание, изјави министерот за здравство.

Од регистрираните смртни случаи, најголем дел се на возраст над 60 години. Од нив, над 73 проценти имаат хронични заболувања.

Тоа што се забележува е дека долго се лекуваат надвор од болнички услови и доаѓаат на лекар многу доцна, со лоши параметри, многу ниска сатурација, вели Филипче, додавајќи дека пациентите се лекуваат според протокол и не се точни информациите дека нема протоколи за лекување.

Тој потенцира дека клучен фактор во борбата против Ковид-19 е вакцинацијата.

Бројот на починати лица кои се вакцинирани е навистина многу мал што ја докажува ефикасноста на вакцината, а тоа е дека таа 20 пати го намалува ризикот од смрт. Голем дел од починатите пациенти имаат придружни болести, како карцином, нерегулиран дијабетес, срцеви заболувања, биле подложени на повеќе хируршки интервенции, потенцира Филипче.

Во однос на вакцинацијата, министерот рече дека пристапот кој го има Владата е многу успешен и тоа го докажуваат бројките.

Имаме најголем просечен раст на вакцинирани граѓани во регионот. Со една доза е вакцинирано 43 проценти од полнолетното население. Од него, 28 отсто од 18 до 39 години, 52 проценти над 40 години, со зголемување на возрасните категории расте и опфатот на вакцинацијата. Околу 73 проценти се вакцинирани граѓаните над 70 години. Има разлика и во опфатот на вакцинацијата по градови. Највисок процент на вакцинирани има во Охрид, Кавадарци, Неготино, Ресен. Во Гостивар тој процент е прилично низок, околу 20 отсто, а најголем раст има во Тетово, каде изминатиов период порасна за 15 проценти, соопшти министерот за здравство.

Тој рече дека бројките ја потврдуваат ефикасноста на вакцините, оти болниците се преполни со невакцинирани население.

Во однос на учебната година, која утре почнува со физичко присуство на учениците, со исклучоци донесени врз база на оптовареноста на болничките капацитети во Тетово и Гостивар, каде наставата ќе почне онлајн.

Трендот на намалување на новозаразени трае веќе неколку дена. Р0(ер нула)-Факторот на преносливост е веќе под еден, односно 0,9. Од искуството од претходните бранови, во период од една недела до 10 дена, најпрво предничи падот на Р0 факторот потоа вкупниот број на новодијагностицирани. Што значи, согласно претходното искуство, можеме да очекуваме да продолжи трендот на намалување на новозаразени, истакна Филипче.

Тој рече дека бројот на нови случаи денеска е околу 800.

Сите анализи во однос на училиштата, искуствата кои ги следиме во светот, недвосмислено укажуваат на тоа дека учебната година треба да почне со физичко присуство, дека онлајн наставата е на штета на учениците. Предвидени се исклучоци за деца кои имаат хронични заболувања или имаат болни членови во семејството. Речиси сите земји во светот, го враќаат овој процес во нормала. Ние возрасните можеме да го помогнеме, со тоа што ние ќе се вакцинираме, рече Филипче.

Тој истакна дека деновиве имало многу реакции на загрижени граѓани загрижени бараат наставата да биде онлајн, и како, што рече, подготвени се да дадат и други препораки доколку состојбата се влошува. Филипче вели дека во Министерството за образование подготвени се сите други сценарија ако се влоши состојбата, но се надева дека до тоа нема да дојде.

Претходната учебна година покажа дека меѓу учениците кои посетуваа настава со физичко присуство, немаше голема трансмисија, нагласи Филипче.