Бројот на случаи со туберкулоза во нашата земја континуирано опаѓа, но болеста се уште е присутна. Ова го потврдија за МИА од болницата за белодробни заболувања кај децата „Козле“ и од Институтот за белодробни заболувања и туберкулоза.
Директорот на болницата за белодробни заболувања кај децата „Козле“, д-р Бесник Зеќири, вели дека во Институтот, годишно имаат во просек по 10 до 12 деца.
– Заради ковид-пандемијата, овие бројки беа помали во изминатите две години, по пет до осум деца. Годинава, за два месеца имаме дијагностицирано 11 случаи на ТБЦ, и околу 20 со латентна туберкулозна инфекција, изјави за МИА, директорот на болницата Зеќири.
Тој појасни дека на нивниот оддел за туберкулоза, моментално болнички се лекуваат шест деца и сите се во стабилна состојба.
-За спречување на оваа болест потребна е вакцинација со БЦГ вакцина по раѓање, откривање на болните, најчесто возрасни лица со белодробна тбц кои ја шират заразата, и најважно откривање на контактите и нивно иследување, особено децата кај кои е потребна соодветна заштитна терапија, како не би дошло до развој на болест, посочи Зеќири.
Според најновите податоци на Светската здравствена организација, во 2021 година се регистрирани 10.6 милиони случаи на заболени од туберкулоза, што е еквивалент на 134 регистрирани случаи на 100.000 жители за таа година. Република Северна Македонија последните 15 години има континуиран пад на бројот на новозаболени со туберкулоза, каде од 2019 година припаѓа во групата на земји со ниска инциденца, што имаат помалку од 10 случаи на 100.000 жители, нагласи за МИА, директорот на Институтот за белодробни заболувања и туберкулоза, д-р Сеад Зејнел.