Хотелите долж Охридското и Струшкото крајбрежје се празни. Велат гости нема, а нема ниту субвенции од државата, работат со загуба и не знаат како да опстанат. Претседателот на ХОТАМ, Крсте Блажевски, за порталот ohridnews вели дека голем дел од хотелиерите им исплаќаат на вработените по 70 проценти од платата, а како што нема прилив на пари, можно е за кратко време и тие пари да не им ги исплаќаат, по што би следувало отпуштање од работа.
– Затоа се надеваме дека пандемијава веќе ќе помине, затоа што најмногу се одрази на секторот туризам. Во моментов има барања за субвенции, но мислам дека нема средства, барем да се покријат платите на вработените за да не се отпуштаат вработените. Мора да се направат напори за добивање на помош ,вели Блажевски.
Додава дека сега е период кога странските туристи се заминати, а празници во скоро време нема за да може да има барем дел од гостите од дијаспората. Според него, во најблиско време се очекуваат туристи пред Нова година од 15 декември до 15 јануари, каде што се очекува да има и дел од гостите од дијаспората.
– Од околните земји немаме некоја атракција и со оглед дека уште ја имаме пандемијата секаде, високите бројки на Балканот и за овој период, придонесуваат да нема многу движење меѓу туристите во овие држави ,вели Блажевски.
Тој потврдува дека странски туристи немаше во посакуваниот број, повеќе беа домашни гости.
– Нормално е дека и тие се пожелни да ги имаме како гости, но не ги имаме во хотелите со четири и пет ѕвезди, бидејќи тие не ја имаат истата куповна моќ како странските. Домашните гости ги имаме во период од 10 јули до 20 август. Останатиот период зависиме од странски гости и тоа може да го потврдиме со девизните приливи ако ги имаме или немаме ,додава Блажевски.
Директорот на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот, Љупчо Јаневски, вели за порталот дека Охрид треба да биде дестинација за 12 месеци туризам.