Амбасадорот на Соединетите Американски Држави во Косово, Џефри Ховениер го поздрави мирниот почеток на спроведувањето на договорот меѓу Косово и Србија за слободно движење на граѓаните од едната во другата држава, јави дописникот на МИА од Приштина.

Ховениер на својата официјална страница на Твитер напиша дека „слободата на движење е суштествена за нормализацијата на односите со крајна цел меѓусебно признавање на Косово и Србија“.

Американскиот амбасадор изрази надеж дека во наредните месеци ќе има нов напредок во преговорите меѓу Приштина и Белград.

– Го поздравуваме мирниот почеток на спроведувањето на договор, постигнат со посредство на ЕУ, за влезно-излезните документи… Со нетрпение очекуваме напредок во други прашања во наредните месеци, напиша Ховениер.

Од денеска, 1 септември, стапи во сила одлуката на Владата во Приштина за реципроцитет кон Србија во однос на патните документи. Косовските, како и српските медиуми известуваат од граничните премини дека договорот се спроведува без никакви проблеми од граничните власти на двете држави, а граѓаните кои ја преминуваат границата изразуваат задоволство поради поедноставувањето на процедурите.

Со посредство на емисарите на ЕУ и САД, Мирослав Лајчак (специјален пратеник на Брисел за дијалогот меѓу Белград и Приштина) и Габриел Ескобар (специјален пратеник на Вашингтон за Западен Балкан), кои минатата недела ги посетија двете држави, властите во Косово и Србија се договорија целосно да ги укинат дополнителните процедури за премин на граѓаните од едната во другата држава. Тоа значи дека од синоќа на полноќ нема да се издаваат дополнителни времени патни документи, како што тоа досега, во изминатите 11 години, беше пракса од српска страна и како што сакаше да го воведе како реципроцитет косовската страна.