Граѓаните да бидат смирени и да не се грижат зошто во земјава има задоволителна количина прехранбени производи и нафтени деривати во стоковните резерви. Трговците редовно набавуваат гориво согласно побарувачката, уверуваат надлежните.
Државата, како што тврдат од Владата, има доволна количина на житарици во стоковните резерви, во домашните млинови има залиха од 45.000 тони пченица, количини кои се доволни за потребите на домашниот пазар до следната реколта. Согласно официјалните статистички податоци, имаме зголемување на производството на пченица кое од 195 илјади тони во 2017 година, лани е зголемено на 253 илјади тони.
Во земјава има и месо во доволни количини и засега нема да има промена на цената, соопштија вчера производителите по средбата со министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски на која е договорено да се донесат две нови интервентни мерки за поддршка на свињарството.
Дополнителна поддршка од 1.500 денари за гоеници над 90 килограми предадени во преработувачки капацитети во периодот од феврурари до април и нова субвенција од 3.000 денари за маторица во категоризирани фарми, се двете нови мерки, вредни скоро два милиона евра. Со нив, како што потенцира министерот Николовски, се дава дополнителен стимул за развој на свињарството и уште еднаш се покажува вистинска грижа за секоја земјоделска гранка и за одржливо домашно производство.
Одгледувачите на свињи го поздравија ваквиот чекор и истакнаа дека мерките се носат на време.
-Се надеваме дека со интервентите мерки ќе ја одржиме моментната цена и дека ќе го одржиме свињарството во добра кондиција. Мерките многу позитивно ќе влијаат во производство на свинско месо. Во моментов во целост го задоволуваме пазарот и има доволно количини. Сепак, се соочуваме со многу тешка ситуација, но цела Европа е во криза, сите производства, нагласија одгледувачите на свињи.
И мелничарите најавија дека не треба да се очекуваат проблеми во снабдувањето со пченица и брашно.
Стопанствениците ќе обезбедат доволни количини, велат од Групацијата за мелничко-пекарска индустрија во Стопанската комора на Северна Македонија.
Очекуваат владините мерки околу цените да создадат поволна клима и сигурност, како за стабилност на индустријата, така и заштита од преголемо покачување или несоодветно изнудено поскапување на брашното и лебот.
За да се спречат евентуални манипулации во снабдувањето храна и горива, во наредниот период ќе се спроведуваат засилени инспекциски контроли на дистрибутивните центри кои вршат снабдување со прехранбени продукти и правните субјекти кои вршат трговија на мало и големо со нафтени деривати.
Екипи на Управата за финансиска полиција заедно со Државниот пазарен инспекторат и Управата за јавни приходи вршат сеопфатни контроли на територијата на цела држава.
Надлежните во повеќе наврати соопштија дека храна, гориво и енергенси има доволно и апелираа граѓаните да не подлегнуваат на никакви шпекулации и да не се крева непотребна паника. Уверуваат дека државата е подготвена да одговори на сите предизвици поврзани со кризата.
Владата вчера апелираше дел од трговците на мало со нафтени деривати да не ја ограничуваат количината, односно сумата до која го продаваат горивото што се точи во автомобилите, а потрошувачите да не чекаат во колони на бензинските пумпи и да не прават залихи од гориво поради безбедносни причини.
Премиерот Ковачевски изјави дека има горива, нема никаква криза и порача граѓаните да не подлегнуваат на шпекулации.
– Во Република Северна Македонија нема никаква криза со бензин, бидејќи ние со нафтени деривати претежно се снабдуваме од Грција. Сакам да апелирам до граѓаните да не подлегнуваат на шпекулации, бидејќи во државата има доволни количини на енергенси. Сакам да апелирам и до трговците да не шпекулираат со ограничување на количината за продажба на нафтени деривати на бензинските пумпи, рече Ковачевски.
Според него, дел од трговците ги ограничуваат количините за точење со цел да ги зачуваат набавените залихи од шпекулативни причини, а тоа, како што рече, е класично воено профитерство. Посочи дека за состојбата се известени институциите, а пазарната инспекција е излезена на терен.
Тој најави помош за компаниите кои ќе бидат погодени од руско – украинската криза, како и пакет мерки кои се однесуваат на енергијата и храната со цел да се заштити стандардот на граѓаните.