Владата усвои измени на законите за одбрана и воена служба
Хрватската Влада на седница донесе предлог-измени на Законот за одбрана и Законот за служба во вооружените сили, со кои, меѓу другото, се предвидува повторно воведување на задолжително основно воено оспособување, односно воен рок. Како што изјави премиерот Андреј Пленковиќ, оваа одлука се носи поради значително променетите глобални безбедносни услови, со цел младите генерации да стекнат неопходни вештини и да се зајакне одбранбената способност на хрватската армија.
Воениот рок, кој ќе трае два месеци, треба да започне во јануари 2026 година, и ќе се спроведува во касарните во Книн, Слуњ и Пожега. Воената евиденција ќе ги опфаќа сите граѓани од 18 години, а регрутите ќе бидат повикувани на обука на 19 години, со можност за учество до 30-годишна возраст. На регрутите ќе им се исплаќа месечен надомест од 1100 евра, а служеното време ќе се смета како работен стаж.
Граѓаните можат да изберат цивилна служба
Законот предвидува и можност за приговор на совеста, со што граѓаните ќе може да изберат цивилна служба наместо воена. Таа ќе се реализира преку два модела: во Секторот за цивилна заштита на МВР со тримесечна обука, или преку локалните единици со четиримесечна ангажираност. Надоместот за цивилната служба ќе биде значително помал – околу 250 евра месечно за оние во Секторот за цивилна заштита, со обезбедено сместување и опрема, додека кај локалните служби ќе се исплаќа само надомест за превоз.
Цивилните регрути исто така ќе имаат право на здравствена заштита и осигурување за време на службата. Обуката, и воена и цивилна, може да се одложи до 29 години поради студирање, а за спортисти – за една година. Законските измени ги регулираат и условите за одбивање на барања за цивилна служба и ослободување од обврската.
Стратегија за одбрана и подобрување на условите за воен персонал
Со новите измени, Владата ги усвои и Стратегијата за одбрана на Хрватска и Долгорочниот план за развој на вооружените сили за периодот 2025–2036 година. Министерот за одбрана Иван Анушиќ истакна дека примарната мисија останува одбраната на суверенитетот и територијалниот интегритет, придонесот кон меѓународната безбедност и поддршка на цивилните институции.
Дополнително, со измените на Законот за служба во вооружените сили се зголемува старосната граница за останување во служба, а се овозможува и прием на лица со само основно образование, под услов да го завршат средното образование за време на првиот договор. На воени лица под 45 години кои немаат решено станбено прашање во местото на служба, Министерството ќе им суфинансира дел од каматата на станбен кредит.