Два месеци служба со плата од 1.100 евра

По 16 години пауза, Хрватска повторно воведува задолжителен воен рок. Парламентот со 84 гласа „за“ го усвои законот кој ќе стапи во сила следната година. Новиот модел предвидува двомесечна служба во касарни во Книн, Слуњ или Пожега, за која регрутите ќе примаат плата од 1.100 евра месечно. Времето поминато во војска ќе се смета како работен стаж.

Предност при вработување во државни институции

По завршувањето на службата, младите ќе добијат приоритет при вработување во државна и локална администрација. Оваа одредба предизвика жестоки реакции од опозицијата, која мерката ја оцени како „милитаризација на јавниот сектор“.

Цивилна служба како алтернатива

За оние што ќе одбијат да носат оружје, законот предвидува можност за цивилна служба во траење од три до четири месеци, со пониска плата и без дополнителни државни бенефиции. Министерот за одбрана Иван Анушиќ истакна дека програмата ќе чини околу 23,7 милиони евра годишно, нагласувајќи дека Хрватска „мора да биде подготвена за секое сценарио“.