По дебаклот на локалните избори и губењето на главниот град Скопје, и најавата за оставка на 31 октомври, Зоран Заев сепак се предомисли, како што предвиде и опозицијата, бидејќи е сигурен дека ќе ги загуби и парламентарните избори, пренесуваат хрватските медиуми.

Како оправдување за повлекување на оставката, тој по седницата на Главниот и Извршниот одбор на СДСМ рече дека одборот предложил одложување на оставката, како и дека е посветен на процесот за зачувување на парламентарното мнозинство.

– Важно е земјата да не се враќа во минатите кавги, да не се загрози процесот на евроинтеграцијата. А и сè уште сме во време на пандемија и енергетска криза – рече Заев, нагласувајќи дека се надева оти парламентарното демократско мнозинство ќе се стабилизира, пред се затоа што е ориентирано кон евроатлантскиот пат и мултиетничкото општество, како и одржување на добрососедски односи и реформите.

Ова не е прв пат Заев да најави оставка и да се откаже од истата, пренесува порталот „vecernji.hr“.

Имено, откако го смени името Македонија во Северна Македонија, најави оставка доколку не започнат преговорите за влез во Европската Унија.

Кога францускиот претседател Емануел Макрон ги блокираше пристапните преговори, Заев не поднесе оставка.

Новото парламентарно мнозинство, договорено од опозициските партии ВМРО-ДПМНЕ и Левица и албанските Алијанса за Албанците и Алтернатива, со помош на претставници на владејачкото Движење Беса, денеска во Собранието покрена иницијатива за гласање доверба на владата на Зоран Заев.