Претходно, највисок раст на БДП беше регистриран во вториот квартал на 1997 година кога БДП се зголеми за 7,2 проценти.
Годишниот раст во вториот квартал е прв по четири последователни квартали на пад поради корона кризата.
Ваквиот остар скок на економската активност се должи, меѓу другото, на ниската основа, бидејќи во вториот квартал од минатата година беше забележан рекорден пад на БДП од 14,4 проценти на годишно ниво, поради епидемиолошките мерки за спречување на ширењето на КОВИД-19 и последователно затворање на економијата. На ниво на целата 2020 година, од друга страна, економскиот пад изнесуваше 8,0 проценти.
Растот на економијата во вториот квартал годинава се должи на растот на сите компоненти на БДП, најмногу на личната потрошувачка, како најголема компонента.
Според ДЗС, потрошувачката на домаќинствата пораснала за 14 проценти во овој квартал во споредба со истиот период претходната година, откако во претходниот квартал опаднала за 0,3 проценти.
Извозот на стоки и услуги, пак, се зголеми за 40,9 проценти на годишна основа. Притоа, извозот на стоки се зголеми за 35,2 проценти, а на услугите за 56,3 проценти, најмногу поради заздравувањето на туризмот во споредба со истиот период минатата година.
Увозот на стоки и услуги се зголеми истовремено за 30,3 проценти на годишно ниво. Увозот на стоки порасна за 30,5 проценти, додека увозот на услуги скокна за 28,9 проценти.
Бруто инвестициите и фиксниот капитал, пак, пораснаа за 18,3 проценти на годишно ниво во изминатиот квартал, многу побрзо отколку во претходниот квартал, кога порастот беше 4,6 проценти.
Растат и владините расходи, за 4 проценти на годишно ниво.
Според сезонски приспособените податоци, хрватската економија порасна за 16,1 проценти на годишно ниво во вториот квартал, додека на квартална основа се намали за 0,2 проценти.
За споредба, според најновите податоци на Еуростат, во вториот квартал од 2021 година, растот на сезонски приспособениот БДП во ЕУ изнесуваше 13,2 проценти на годишна основа, и 1,9 проценти на квартална основа.