Претседателката Сиљановска-Давкова ќе биде домаќинка на Милановиќ
Претседателот на Република Хрватска, Зоран Милановиќ, утре пристигнува во официјална посета на Македонија. Како што најавија од Кабинетот на претседателката, Гордана Сиљановска-Давкова ќе биде неговата домаќинка. Посетата ќе започне со свечена церемонија на пречек, со највисоки државни и воени почести.
По официјалниот прием, ќе следи тет-а-тет средба помеѓу двајцата претседатели. По што е предвиден и пленарен состанок со учество на македонската и хрватската делегација.
Милановиќ ќе оддаде почит на гробот на Гоце Делчев
Во рамките на престојот во Скопје, претседателот Милановиќ ќе положи венец на гробот на македонскиот револуционер Гоце Делчев, кој се наоѓа во црквата „Св. Спас“. Овој чин симболично ја нагласува почитта кон историјата и пријателските односи меѓу двете држави.
Посебен режим на сообраќај во главниот град
Министерството за внатрешни работи најави дека утре ќе биде воспоставен посебен сообраќаен режим во поширокиот центар на Скопје, поради официјалната посета на хрватскиот претседател. Од СВР Скопје апелираат до сите учесници во сообраќајот да ги следат наредбите на полициските службеници и да покажат трпеливост заради безбедноста и редот.
Посетата на Милановиќ претставува значаен момент во билатералните односи помеѓу Македонија и Хрватска и е показател за продолжување на блиската соработка на политички и дипломатски план.
Извор: Курир