Новиот италијански закон кој ги стеснува правата за азил во обид да ги одврати мигрантите да влезат во Италија е репресивен и нехуман, соопшти водечката група за заштита на човековите права.
Националистичката влада на премиерот Џорџија Мелони го подготви законот по бродоломот кај јужна Италија во февруари, кога загинаа повеќе од 90 мигранти.
Законот, кој парламентот го усвои минатата недела, предвидува построги затворски казни за шверцерите на луѓе и ја ограничува можноста на новодојдените да добијат дозволи за престој од „специјална заштита“ доколку не ги исполнуваат условите за целосен азил, пренесува агенцијата Фена.
„Новиот закон ќе има разорно влијание врз правата на мигрантите, вклучувајќи ја и нивната способност да бараат заштита, да пристапат до фер процедури за азил и да уживаат во слободата на движење“, се вели во соопштението на Human Rights Watch.
Владата рече дека претходниот систем бил злоупотребен, истакнувајќи дека властите издале 10.506 дозволи за специјална заштита во 2022 година во споредба со 7.494 дозволи кои нудат статус на бегалец и 7.039 даваат друга форма на меѓународна заштита.
Владата се фокусира на одвраќање и криминализација
Контроверзно, законот, исто така, ги суспендира курсевите по италијански јазик финансирани од државата и ги елиминира услугите за правно советување за мигрантите сместени во официјални прифатни центри.
Владата на Џорџија Мелони рече дека сака да ги фокусира ресурсите на мигрантите кои пристигнуваат во Италија преку легални канали.
„Далеку од тоа што нуди рационален, хуман одговор на напливот на луѓе кои го преминуваат Медитеранот за да стигнат до Европа, новиот закон го удвојува фокусот на владата на одвраќање и криминализација“, рече Хјуман рајтс воч.
Конзервативниот блок на Мелони ја освои власта минатата година, ветувајќи дека ќе ги исклучи мигрантите од чамците, но неговите напори досега беа неуспешни, а новите пристигнувања се зголемија во последните месеци.
Последните податоци покажуваат дека од 1 јануари до 11 мај во Италија пристигнале 45.157 лица, наспроти 12.324 во истиот период лани.