Со хуманитарен базар насловен „Новогодишна приказна на децата од Кисела Вода“, Општина Кисела Вода ги започна новогодишните празнувања, кои со најразлични настани и случувања, во периодот што претстои ќе ги израдуваат најмладите. Преку 300 дечиња со своите родители, баби и дедовци, денес дојдоа во Домот на култура „Билјана Беличанец” каде најпрво ги поздрави градоначалникот Орце Ѓорѓиевски, по што следуваше богата музичко-сценска програма и она на кое најмногу се радуваа – Дедо Мраз и новогодишни пакетчиња за сите.

Хуманитарниот базар кој како традиција започна минатата година има за цел и да ја поттикне и проовира социјалната инклузија, бидејќи во него, покрај дечињата од општинските градинки и училишта, се вклучени и повеќе здруженија на децата со попреченост. Сите тие изработија новогодишни украси и честитки, кои се продаваа по симболични цени, а собраните средства ќе бидат наменети во хумaнитарни цели.

– Убаво е чувството кога сме собрани сите заедно во очи Новогодишните празници, со весело расположение и со желба овој период кој и онака во очите на децата е магичен, да им го направиме уште поблескав и поубав. Ја продолжуваме традицијата што ја започнавме минатата година и годинава под наслов „Новогодишна приказна на децата од Кисела Вода“ го реализираме овој хуманитарен базар. Новогодишните украси и аранжмани кои се изложени се изработени од дечињата од општинските градинки, од основците од училиштата, како и од дечињата со попреченост од повеќе здруженија. Средствата, пак, кои ќе се соберат од продажбата, ќе бидат наменети во хуманитарни цели, бидејќи заложбите на Општина Кисела Вода се празничните денови да бидат убави за сите. Ова подразбира сите заедно да се дружат, но и сите да ја почувствуваат магијата на дарувањето.

Можеби украсот што го купивте ќе го украси вашиот дом, можби и ќе го подарите некому, но секако сте подариле насмевка и среќа на дечињата кои го изработиле и на оние каде што ќе ги упатиме финансиските средства по завршувањето на настанот. За се’ да биде повесело, тука ни се и музичките изведувачи, како и вработените од ЈДГ„8 Март” кои ќе изведат театарска претстава и малечките балерини од ЈДГ “Весели цветови”. На сите кои сте тука присутни, сакам да ви се заблагодарам и да бидам првиот кој ќе ви посака добро здравје, среќа и успех во Новата 2023 година, истакна градоначалникот Ѓорѓиевски во своето обраќање пред преполнетата сала.

По ова следеше целочасовна музичко-забавна програма која децата ја проследија со огромно внимание, а потоа и сликање со Дедо Мраз и делење на новогодишни пакетчиња. Општина Кисела Вода продолжува со вакви и слични случувања во периодот што следи, со цел сите најмлади жители да ја започнат новата година среќни, насмеани и со подарок кој ќе им ги разубави празничните денови.