Движењето на Хутите, кое го контролира поголемиот дел од северен Јемен, киднапираше товарен брод под знамето на Обединетите Арапски Емирати, соопшти денеска коалицијата предводена од Саудиска Арабија.

Бродот е киднапиран во близина на јеменскиот пристанишен град Худаида, објави телевизискиот канал „Ал Арабија“.

Претходно, Дирекцијата за поморски трговски операции на Обединетото Кралство (УКМТО) синоќа соопшти дека добила дојава за напад на брод во близина на јеменското пристаниште Рас Иса, по што е покрената истрага.

Во соопштението овој огранок на британската Кралска морнарица ги советувал морнарите да бидат исклучително внимателни во таа област.

Позицијата на бродот е утврдена на околу 23 наутички милји западно од нафтениот терминал Рас Иса во Црвеното Море.

Последниот бродски инцидент во близина на Рас Иса се случил кон крајот на 2019 година, кога јеменските Хути накратко запленија брод под саудиско знаме и две други јужнокорејски пловила.