Агенцијата, како што се наведува во соопштението, потенцира дека носителите на јавни функции треба да се воздржат од јавно изнесување ставови со кои се изразува сомнеж во кредибилноста на истражувачките новинарски стории.

– Истражувачкото новинарство е клучно во остварувањето на улогата на медиумите да ги откриваат и анализираат прашањата од јавен интерес и да служат како коректив на властите. Во овој контекст, новинарите не треба да бидат обесхрабрувани, напротив, треба да се поттикнуваат во истражувањето различни теми поврзани со евентуални појави на корупција или злоупотреби од страна на институции или поединци. Доколку некоја засегната страна смета дека не се испочитувани стандардите и принципите на однесување утврдени во новинарските кодекси може да ги искористи постоечките механизми и да се обрати до саморегулаторните тела, се наведува во соопштението од АВМУ.