Бекир Кадриевски, копретседателот на бугарското здружение „Шемето“ во Струга од вчера е на лекување во Воено медицинската академија (ВМА) во Софија, јавуваат бугарските медиуми. Тој е во стабилна состојба и нема опасност по неговиот живот, соопштија лекарите од ВМА.
Кадриевски (45) по физичката пресметка пред три дена беше примен во струшката болница и набрзо беше пуштен со неколку модринки од ударите.
Бугарски политичари жестоко реагираа и на овој инцидент во Македонија за кој неофицијално се зборува дека причината била коцкарски долгови.
Министерот за внатрешни работи на Република Македонија, Оливер Спасовски, вчера соопшти дека напаѓачот на Кадриески е идентификуван и приведен.
Кадриевски во изјави за бугарските медиуми веднаш по инцидентот бараше да се пресели во Бугарија затоа што, како што рече, тепан бил затоа што е Бугарин. Во изјава за БНТ пред два дена тој посака да оди во Софија на лекување, бидејќи се сомнева дека во Македонија ќе ја добие потребната помош.
Во Софија за в сабота пред Културниот центар на Македонија веќе се најавува и протест под мотото „Правда за Бекир Кадриевски“.
На 19 јануари во Охрид беше претепан секретарот на бугарскиот клуб „Цар Борис Трети“ Христијан Пендиков, кој во билтените на МВР бил заведен како препродавач на дрога. И во овој случај бугарската држава реагираше сосема несоодветно, оквалификувајќи го случајот како омраза по етничка основа, по што Пендиков доби третман на жртва во Бугарија, добил бугарски пасош и стан во Софија.