Горивата во Македонија и натаму меѓу поевтините во регионот

И покрај најновото зголемување на цените, горивата во Македонија и понатаму се меѓу поевтините во регионот и во голем дел од Европа. Тоа го покажува споредбата на податоците објавени на платформата Fuelo.eu.

Од денеска бензинот и дизелот се продаваат по повисоки цени како резултат на растот на нафтата на светските пазари. Бензините поскапеа за пет денари по литар, додека дизел горивото бележи значително поголемо зголемување од 14,5 денари.

Нови цени на бензинот и дизелот

Со новата одлука, малопродажната цена на ЕУРОСУПЕР БС-95 изнесува 79,5 денари за литар, односно 1,289 евра. ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) се продава по цена од 85,5 денари за литар, што изнесува 1,386 евра.

Сепак, според податоците на Fuelo.eu, цените на горивата во Македонија остануваат пониски од оние во повеќето соседни земји. Во Бугарија бензинот од 95 октани чини 1,340 евра, а дизелот 1,440 евра по литар. Во Србија бензинот достигнува 1,520 евра, додека дизелот 1,683 евра.

Повисоки цени во поголем дел од Европа

Уште повисоки се цените во Грција, каде бензинот се продава за 1,811 евра, а дизелот за 1,698 евра за литар. Во Хрватска бензинот изнесува 1,510 евра, а дизелот 1,550 евра.

Пониска цена на бензинот има во Босна и Херцеговина, каде литар се продава за 1,185 евра, додека дизелот таму чини 1,435 евра. Поевтини горива има и во Турција, каде бензинот од 95 октани се продава за 1,095 евра по литар, а дизелот 1,264 евра.

Во голем број европски држави цените се значително повисоки. Во Словенија бензинот изнесува 1,451 евра, а дизелот 1,509 евра. Во Австрија цената на бензинот достигнува 1,660 евра, додека дизелот 1,753 евра. Во Белгија бензинот се продава за 1,602 евра, а дизелот за 1,731 евра.

Во Германија цените надминуваат два евра за литар – бензинот изнесува 2,074 евра, а дизелот 2,138 евра. Во Шпанија бензинот чини 1,659 евра, а дизелот 1,748 евра, додека во Франција тие изнесуваат 1,875 и 1,960 евра. Во Унгарија бензинот се продава за 1,456 евра, а дизелот за 1,503 евра, додека во Италија цените достигнуваат 1,879 евра за бензин и 2,076 евра за дизел.

Владата уверува дека има доволно гориво

Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека во земјата има доволни количини на нафта и нафтени деривати и ги увери граѓаните дека нема причина за загриженост.

„Имавме состанок со поголемите дистрибутери на нафта и нафтени деривати и заеднички заклучивме дека има доволно количини. Граѓаните треба да бидат спокојни, бидејќи кај нас цените се значително пониски од оние во соседството. Доколку има драматичен скок на цените, Владата веднаш ќе интервенира, со можност за намалување на акцизата или на ДДВ“, изјави Мицкоски.

Во меѓувреме, светските цени на нафтата покажуваат знаци на стабилизација. Според последните податоци на CNBC, цената на WTI суровата нафта се движи околу 81 долар за барел, додека Brent изнесува околу 84 долари. Ден претходно цената достигна и до 119 долари за барел, што претставува највисоко ниво од почетокот на војната во Украина.

Истовремено, цените на природниот гас во Европа повторно бележат раст и достигнаа највисоко ниво од јануари 2023 година. На референтната холандска берза ТТФ, мегават-час гас за испорака во април утрово се тргуваше за 62,51 евра, што е околу 17 проценти повеќе во споредба со крајот на минатата недела. На почетокот на тргувањето цената достигна и 68,63 евра.

Според аналитичарите, растот на цените на гасот е поврзан со одлуката на Русија дел од испораките да ги пренасочи кон азиските пазари, како и со најавената забрана за увоз во Европската Унија. Во споредба со периодот пред нападите врз Иран, цените на гасот во Европа во моментов се речиси двојно повисоки.