Акциите на банките во светот паднаа и покрај уверувањата на претседателот на Соединетите Американски држави дека американскиот финансиски систем е безбеден по крахот на двете американски банки, јавува Би-би-си.
Падот на акциите е забележан откако властите преземаа мерки да ги заштитат депозитите на клиентите на Банката на Силиконската долина СВБ и Сигначр банката, се наведува во синоќа објавениот извештај.
Американскиот претседател Џо Бајден вети дека ќе направи „сè што е потребно“ за да го заштити банкарскиот систем.
Тој синоќа им порача на Американците дека финансискиот систем на земјата е стабилен.
Ненадејниот банкрот на двете банки предизвика страв од поголема криза. Инвеститорите стравуваат дека други банки би можеле да бидат погодени од последиците на крахот, а акциите на глобално ниво забележаа остар пад.
Американското регулаторно тело во петокот ја затвори СВБ, која беше специјализирана за кредитирање на технолошките компании. Тоа е најголемиот крах на една американска банка од финансиската криза од 2008 година.
Во неделата властите ја преземаа Сигначр банката во Њујорк, која имаше многу клиенти кои инвестирале во криптовалути.