Сведоштво на вработен во дискотеката „Пулс“

Кристијан Панов, 20-годишно момче од Кочани и прв сведок на Обвинителството на денешното рочиште за пожарот што на 16 март минатата година ја зафати дискотеката „Пулс“, при што животот го загубија 63 млади лица и деца, сведочеше за условите и случувањата во објектот кобната вечер.

СДК ја пренесе неговата изјава. Тој пред судот изјавил дека повремено работел како келнер за дневница од 1.500 денари, додека неговиот брат Андреј бил ангажиран како шанкер за 2.000 денари дневно. Двајцата не биле пријавени од сопственикот на дискотеката, првообвинетиот Дејан Јованов.

Факели, еден излез и малолетници во дискотеката

Панов посочи дека пред трагедијата во објектот се користеле вртечки запалени факели за време на настап на диџеј од Грција и танчерки, а дека дискотеката имала само еден влез, кој воедно бил и излез.

Како обезбедување таа вечер биле присутни Лазар, Столе и Ивица, кои стоеле на вратата и им удирале печати на рацете на посетителите со купена карта. Кристијан нагласи дека не забележал присуство на полиција во објектот и дека во дискотеката имало и малолетни лица.

На дополнителни прашања од обвинителката, тој потврди дека билетите ги продавал обвинетиот Тодор Јованов, брат на сопственикот Дејан Јованов, како и дека истиот им продавал карти и на малолетни гости за концертот на музичката група ДНК.

„Излегувајте надвор!“ – моментите на паника

Кога избувнал пожарот, Кристијан се наоѓал надвор, каде што запалил цигара, по што настанало стампедо. Покојниот Андреј од групата ДНК, како што сведочеше, преку микрофон повикал: „Излегувајте надвор!“.

При обидот за евакуација, луѓето паѓале еден врз друг пред единствената врата на дискотеката.

Потрагата по братот и обидите за спасување

Кристијан сведочеше дека повторно влегол во запалениот објект за да го побара брат му Андреј. Внатре имало многу тела, тешко распознатливи, а тој се обидувал да осветли со мобилниот телефон.

„Додека го барав, нешто падна врз мене и се распрсна, па излегов. Кога повторно се вратив, го најдов брат ми легнат кај вратата, некој веќе го имаше извлечено. Го препознав по тетоважите“, изјави Панов, додека неговата мајка присутна во судницата не можеше да ги задржи солзите.

Заедно со братучедот Иле го пренеле во болница, каде што биле направени обиди за реанимација со адреналин, но безуспешно. „Се обидов и јас да го оживеам“, рече Кристијан.

На прашање од адвокатот на обвинетиот Тодор Јованов, сведокот одговори дека таа вечер пристигнал подоцна и не видел директна продажба на билети на деца, но нагласи дека претходно лично го забележал Тодор Јованов како им продавал карти на малолетници.