Словенија исто така се приклучи на земјите во Европската унија кои одлучија привремено да ја прекинат имунизацијата против Ковид-19 со вакцината на „АстраЗенека“, потврди вечерва министерот за здравство Јанез Поклукар.
На ненајавената прес-конференција во Љубљана, Поклукар рече дека таквата одлука е донесена превентивно и дека ќе важи се додека за сигурноста не се изјасни Агенцијата за лекови на Европската унија (ЕМА), што се очекува во текот на утрешниот ден.
Франција и Италија денеска објавија дека ја запираат употребата на вакцината против коронавирусот на компанијата „АстраЗенека“, приклучувајќи им се на листата европски држави кои тоа го сторија претходно – Германија, Холандија, Ирска и Данска.
„АстраЗенека“ вчера соопшти дека нема докази дека нивната вакцина против Ковид-19 го зголемува ризикот од згрутчување на крвта, пренесе ДПА.