Според ИАТА, забраната за прелети над трета земји претставува „политизација на воздушната безбедноста“ и „ретрограден и разочарувачки развој“.
– ЕАСА треба да им дозволи на авиокомпаниите да управуваат со безбедноста, како што тоа го прават секој ден, со проценка на ризиците од нивното работење, се наведува во соопштението на ИАТА.
Во соопштението се посочува и дека ИАТА ги поддржува претходните „пропорционални“ мерки на ЕАСА за забрана за летови над Белорусија, но ги почитува одлуките на авиокомпаниите кои продолжуваат да го користат белорускиот воздушен простор.
Во ИАТА членуваат 290 авиокомапании, кои остваруваат 82 проценти од воздушниот сообраќај.
ЕАСА на 2 јуни повторно издаде насоки за користење на воздушниот простор на Белорусија, апелирајќи до земјите-членки на ЕАСА формално да им забранат на своите авиокомпании прелети над Белорусија. Таквата одлука беше донесена откако на 23 мај авион на Рајанер, што сообраќаше од Атина за Вилнус, принудно слета во Минск по дојава за поставена бомба. По слетувањето беше уапсен белорускиот новинар Роман Проташевич и неговата девојка, која е државјанка на Русија.
Претходно, ЕАСА ја бранеше својата одлука истакнувајќи дека со забрана за прелети над Белорусија се намалува потенцијалниот ризик за патниците и екипажот што може да произлезе од употребата на белорускиот воздушен простор.