Во Скопје денеска се одржува Западнобалканскиот дигитален самит 2025, на кој премиерот Христијан Мицкоски истакна дека дигитализацијата е клучот за иднината на регионот и за европската интеграција на земјата.
– Денес живееме во време кога дигиталните решенија не се прашање на избор, туку на опстанок и напредок. Западен Балкан не смее да биде заостанат агол на Европа, порача премиерот во своето обраќање пред претставници на Европската Унија, министри од регионот и гости.
Тој нагласи дека дигитализацијата е алатка со која државата ќе ја победи бирократијата и ќе им обезбеди брзи и ефикасни услуги на граѓаните. – Кога секој граѓанин ќе може со еден клик да добие документ – тоа е вистинска демократија, рече Мицкоски.
Како симбол на новата дигитална ера беше претставена и апликацијата М-Услуги, која овозможува дигитален паричник со документи, безбедна размена на податоци и транспарентност во комуникацијата со институциите. Премиерот упати благодарност до министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски и неговиот тим за развојот на апликацијата.
Мицкоски најави дека до крајот на мандатот сите јавни услуги ќе бидат достапни онлајн, секој граѓанин ќе има дигитален идентитет, а образованието ќе создава генерации со конкурентни дигитални вештини. Посебен акцент стави и на потребата од силен систем за сајбер-безбедност.
– Дигитализацијата е нашиот мост кон Европа. Таа е нашиот штит против корупцијата. Таа е нашата шанса да изградиме поефикасна држава и поправедно општество,“порача премиерот, додавајќи дека Македонија има цел да стане центар на дигитални иновации во регионот.