Бојан Кордалов, раководител на Програмата за транспарентност и дигитализација на ИДУЕП, објаснува дека преку дигиталната апликација, градоначалниците и општинските администрации ќе даваат извештај за дневните спроведени активности и степенот на реализација на дадените ветувања преточени во програма за работа.

-Советниците би имале обврска за оставање на свои јавни контакт информации преку кои граѓаните ќе можат да ги контактираат, но и можност на дневна или периодична основа да информираат за активностите кои тие ги презеле за својата општина. Среднорочно, по неколкугодишно успешно функционирање на ваквата дигитална платформа, општините ќе можат да разгледаат и применат можности за анкети, мини референдуми и испитување на мислењата на граѓаните за спроведување на одредени проекти, иницијативи или предлози на ниво на цела општина или месна заедница. Сѐ ова е во интерес на сите, бидејќи секој граѓанин ќе може да се вклучи, искаже свој став, прашање, побара акција, а сето ова би се одвивало под будното око на медиумите кои би имале администраторски пристап до статистиките за ефикасност на секоја општина. На овој начин факторот човек во реализација на поднесените барања или чие било влијание би бил сведен на минимум, објаснува Кордалов.

Од ИДУЕП велат дека очекуваат партнери во овие процеси да бидат сите општини, ЗЕЛС, како и Министерството за локална самоуправа. Од Институтот истакнуваат дека барање за финансиска поддршка е испратено и до донаторската заедница во земјава, од каде се надеваат на поддршка бидејќи во моментов ова претставува единствен начин со кој би се трасирал патот за долгорочно добро управување и владеење единствено во интерес на граѓаните.

Истовремено, истакнуваат од ИДУЕП, партиите и кандидатите во оваа кампања силно ја нагласуваа улогата на дигитализацијата и онлајн услугите за граѓаните како врвен приоритет за ефикасност, сузбивање на корупцијата и неселективни услуги за сите граѓани на локално ниво. Оттаму нагласуваат дека ваквата иницијатива во никој случај не значи укинување на можноста за граѓаните да ги остваруваат своите права и услуги по хартиен пат и со лично физичко присуство, туку дополнителна алатка плус која ќе го дополни изборот на можности за граѓаните и ќе овозможи заштеди во време, ресурси и финансии за секого.

-Доколку чекаме т.н. поволна политичка клима за спроведување на вакви важни реформи кои ќе овозможат долгорочно транспарентно и одговорно владеење, мислам дека никогаш нема да може да реализираме ниедна важна промена која е од интерес за граѓаните. Сметаме дека токму сега е вистинското време за отпочнување со реализација на еден ваков проект, кој ќе ги стави граѓаните во предниот план, но не само на денот кога се одржуваат локалните избори. Секој човек мора да има право во секое време да стапи во контакт со избраните градоначалници, советници и административни служби, но и да добие одговор и решение на посочениот проблем во најкус можен рок, велат од ИДУЕП.

Иницијативата е испратена и до надлежните институции, како и политичките партии од каде од ИДУЕП очекуваат препознавање на можностите за реализација на предизборните ветувања.