Руското Министерство за надворешни работи објави дека повеќе не се чувствува обврзано да го почитува еднострано воведениот мораториум за распоредување копнени ракети со среден и краток дострел. Според Москва, условите за негово одржување „исчезнале“.

Во официјалното соопштение се наведува дека чекорите на таканаречениот колективен Запад водат кон создавање и акумулирање на дестабилизирачки ракетен потенцијал во региони кои граничат со Руската Федерација, што претставува директна и стратешка закана за нејзината безбедност.

Како причина за оваа одлука, Русија посочува дека нејзините повеќекратни предупредувања биле игнорирани, додека ситуацијата се движи кон распоредување на американски копнени ракети со среден дострел и во Европа и во Азиско-пацифичкиот регион.

Министерството истакнува дека одлуките за конкретни контрамерки ќе ги носи руското раководство врз основа на анализата на обемот на распоредување на американски и други западни ракети со среден и краток дострел, како и врз основа на поширокиот развој на меѓународната безбедност и стратешката стабилност.

Според соопштението, ваквиот развој носи сериозни негативни последици за регионалната и глобалната стабилност и носи ризик од опасна ескалација на тензиите меѓу нуклеарните сили, пренесе Срна.