Искуство, супспецијализација и меѓународна практика зад новиот раководител
Доктор Игор Мерџаноски е назначен за нов директор на Универзитетската клиника за трауматологија, ортопедски болести, анестезија, реанимација, интензивно лекување и ургентен центар (ТОАРИЛУЦ).
Д-р м-р Мерџаноски е супспецијалист по трауматологија со над 20 години професионално искуство во областа на хирургијата, траумата и современата медицина. Роден е во 1971 година во Гостивар, а дипломирал на Медицинскиот факултет во Скопје, каде што подоцна ја завршил специјализацијата по општа хирургија. Во 2018 година се стекнал со звање супспецијалист по трауматологија.
Покрај медицинската практика, доктор Мерџаноски има и магистратура од областа на Јавното здравје, што придонесува за неговото разбирање на здравствениот систем во поширок контекст.
Д-р Игор Мерџаноски -Препознатлив и докажан во национални и меѓународни медицински кругови
Во текот на кариерата, доктор Мерџаноски има изведено голем број хируршки интервенции, применувајќи најсовремени пристапи и методи, во согласност со модерните медицински стандарди. Своето клиничко искуство го стекнал не само на Универзитетската клиника „Мајка Тереза“ во Скопје, туку и преку стручна работа и усовршувања на медицински установи во Германија, Австрија и Турција.
Тој е долгогодишен активен член на меѓународната организација AO Trauma и редовен учесник на годишните конгреси во Хрватска, каде што делувал и како едукатор.
Вештини во организација, здравствени политики и судска медицина
Д-р Мерџаноски поседува лиценца за судско-медицинско вештачење и е член на повеќе здравствени комисии во земјата. Во тие рамки, придонесува со предлози и решенија за подобрување и унапредување на здравствениот систем. Познат е и по своите менаџерски и преговарачки вештини, особено кога станува збор за организација на работата во комплексни клинички услови.
Неговото назначување за директор на ТОАРИЛУЦ се гледа како чекор во насока на стабилизирање, модернизација и ефикасно управување со една од најкомплексните здравствени институции во земјата.