Лоша организација од домаќинот
Фудбалскиот клуб Охрид го доживеа првиот пораз во новата сезона од Втората македонска лига. На гостувањето кај Шкендија Арачиново, охриѓани загубија со 2-1 по пресврт, а веднаш по натпреварот клубот упати низа забелешки за организацијата, делегатот и судиската четворка.
Реакција од Охрид
Во своето официјално соопштение, клубот посочува дека гостопримството завршило веднаш по нивното водство во петтата минута, по што, како што велат, започнало „дивеење“ на дел од управата, обезбедувањето и публика на теренот. Забелешки биле упатени и за однесувањето кон тренерот и кон играчот Гоце Толески, кој бил исфрлен од стадионот по црвениот картон. Според Охрид, организацијата и судењето биле на „нивото на натпревари од пред неколку децении“.
Апел за фер услови
Од клубот нагласуваат дека не бараат алиби за поразот, туку укажуваат на серија неправилности кои, според нив, не смеат да се повторат. „Македонскиот фудбал треба да оди нанапред, а не да се враќа неколку децении назад“, порачуваат охриѓани. По две одиграни кола, Охрид има еден пораз и едно реми.