Синодот едногласно ја потврди кандидатурата на Игуменот Георгиј
Игуменот Георгиј (Ѓорѓевски) денеска доби едногласна поддршка од Светиот Архијерејски Синод на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, кој го избра за нов митрополит на Дебарско-кичевската епархија. Оваа одлука доаѓа неколку месеци по смртта на митрополитот Тимотеј. Тој почина во ноември 2023 година на 73-годишна возраст по кусо боледување. За потсетување, владиката Тимотеј за архиереј на МПЦ-ОА беше избран во далечната 1981 година.
Од академик и дипломат, до монах и епископ
Игуменот Георгиј, кој е роден во Скопје во 1968 година, има исклучително богата биографија. Дипломирал на Богословскиот факултет во Скопје, а потоа продолжил со постдипломски студии во Рим, каде што магистрирал и докторирал на Папскиот универзитет „Грегоријана“.
Неговиот живот не бил ограничен само на академската и црковната служба – Георгиј има и дипломатско искуство, откако бил именуван за амбасадор на Македонија при Светата Столица. Тој е автор на неколку значајни богословски книги и научни трудови, како и активен учесник во преведувачки и издавачки проекти на Светото писмо.
Интензивен духовен напредок во само неколку дена
Замонашувањето на Георгиј се случи на 27 мај годинава, а следните денови беа исполнети со важни духовни чекори: на 28 мај беше произведен за јероѓакон, на 29 мај за јеромонах. На празникот Педесетница доби унапредување во монашкиот чин – игумен. На оваа церемонија, одржана во соборниот храм „Свети Климент Охридски“, произведувањето го изврши лично архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан.
Синодот денеска избира нов митрополит на Дебарско-кичевската епархија
Црковниот портал „Литургија.мк“ објави дека датумот на ракополагањето на игуменот Георгиј во епископски чин ќе биде дополнително објавен.