Анализи и примероци во тек

Првичните информации за причините за стомачните тегоби и симптомите на повраќање кај учениците од Основното училиште „Димо Хаџи Димов“ во Влае се очекува да бидат познати утре, соопштуваат од Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), а пренесува МИА.

Директорката на ИЈЗ, Марија Андоновска, посочи дека анализите ќе продолжат попладнево и во текот на целата вечер. Ќе бидат испитани примероци од вработените во училишната кујна, од работните површини, како и мостри од храна и вода.

Иако за некои тестови е потребно време, Андоновска најави дека утре ќе бидат достапни првичните информации за тоа што предизвикало здравствени тегоби кај учениците.

Вонреден инспекциски надзор

Ова следува по вчерашните пријави од неколку ученици кои се пожалиле на стомачни тегоби и симптоми на труење и побарале лекарска помош.

Поради тоа, инспекциски служби од ИЈЗ, Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) и Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ) денеска започнаа со вонреден надзор во училиштето, со цел да се утврдат точните причини за здравствените проблеми.