Државната изборна комисија ги започна подготовките за предвремените избори за градоначалник на Брвеница, кои ќе се одржат на 18 октомври. На денешната седница ДИК го усвои Роковникот за изборниот процес и ги избра претседателот, заменик-претседателот, членовите и нивните заменици во Општинската изборна комисија.
Изборите претходно денеска ги распиша претседателот на Собранието Африм Гаши, откако неодамна ненадејно почина градоначалникот на Брвеница, Јовица Илиевски.
Претседателот на ДИК Бојан Маричиќ истакна дека со усвојувањето на Роковникот и официјално почнуваат сите оперативни активности за организирање на изборите.
„Како и досега, ДИК останува посветена на својата законска и уставна улога да биде заштитник и гарант на демократското избирачко право. Ја уверувам јавноста дека ќе ги преземеме сите мерки за изборниот процес да се одвива целосно, транспарентно, во фер и демократска атмосфера во согласност со највисоките стандаради за спроведување избори овозможувајќи им на граѓаните на општина Брвеница слободно и достоинствено да ја изразат својата волја на 18 октомври 2026 година“, рече Маричиќ.
Собирањето потписи за кандидатите за градоначалник ќе започне на 17 август и ќе трае до 31 август. Јавниот увид во Избирачкиот список ќе биде отворен од 22 август до 10 септември, а граѓаните ќе можат да ги проверат податоците во подрачното одделение на ДИК во Брвеница и, доколку е потребно, да побараат нивна корекција.
Кандидатските листи до ОИК Брвеница треба да бидат поднесени најдоцна до 12 септември. Изборната кампања ќе започне на 21 септември и ќе трае до 16 октомври.
Бидејќи на досегашниот состав на ОИК Брвеница му бил истечен мандатот, ДИК денеска по случаен избор избра нов претседател, заменик-претседател, членови и заменик-членови.
Комисијата ќе побара од МВР и ажурирање на Избирачкиот список, а донесена е и одлука за ангажирање лица во помошните тела, меѓу кои и во информатичкиот сектор. Утврден е и износот за платено политичко рекламирање за медиумите кои не биле пријавени во последните пет години.
