Извршниот Комитет на ВМРО-ДПМНЕ вечерва ќе одлучува за пристап кон активна блокада на Собранието со цел постигнување дијалог и предвремени избори, соопштуваат од партијата.
-СДСМ се игнорантски поставени кон потребата од дијалог во општеството по однос на сите кризи кои се резултат на нивното неработење, криминал и неспособност, а кои ја донесоа државата до потреба од задолжување од 900 милиони евра, а граѓаните до сиромаштија, и постигнување на договор за датум за предвремени парламентарни избори, се вели во партиското соопштение.
ОД ВМРО-ДПМНЕ истакнуваат дека на тој нивен игнорантски пристап ќе одговорат во иста мерка.
-Вечерва ИК на ВМРО-ДПМНЕ ќе одлучува за преземање на активна блокада во собранието, што ќе значи блокада на сите процеси и закони како на комисиите, така и на пленарните седници. ИК на партијата ќе одлучува за пристап кон целосна амандманска блокада во собранието и филибастеринг со цел спречување на едноумието на власта, а што има за цел постигнување дијалог за предвремени парламентарни избори, соопштуваат од ВМРО-ДПМНЕ.