2,2 милијарди евра изнесува новиот долг кој оваа Влада го создаде за само три години со променливите и ненавремени економски политики, ова денеска преку прес-конференција го истакна Анастасија Илиеска од ВМРО-ДПМНЕ.
-Во претходните две години кумулираа 1,6 милијарди евра нов јавен долг кој ќе се зголеми со ново задолжување од 600 милиони евра за оваа година. Покрај големата оптовареност за отплаќање на јавниот долг секојдневно, товарот создаден од неодговорните и неуспешни политики на оваа Влада ќе го носат и идните генерации. Ваквото расипништво ќе не чини многу скапо уште многу години пред нас. Растот на јавниот долг секогаш треба да биде предмет на критика, но доколку споредуваме може лесно да се увиди кој какви политики спроведувал. Во период од 10 години кога мандатот го има ВМРО-ДПМНЕ јавниот долг беше зголемен за 2,9 милијарди евра во време на три кризи: светска финансиска криза, должничка криза во еврозоната и политичка криза. Сегашнава Влада остварува рекорди единствено во најлоши рејтинзи во економските извештаи и има катастрофални резултати во справување со кризни состојби. Во 2020-та година со дефицит од 53,4 милијарди денари и пад на БДП од 6,1%, влеговме во рецесија најдлабока од осамостојувањето и најголема во споредба со повеќето земји од регионот, вели Илиески.
Таа додава дека во 2021 година со дефицит на буџетот од 38,8 милијарди денари и 4% раст на БДП, го доживеавме најлошото остварување во споредба со земјите во регионот.
-Од почетокот на оваа година до сега имаме дефицит на буџетот од 13 милијарди денари, кој за последниве 26 месеци вкупно изнесува 1,7 милијарди евра, што јасно покажува дека економската криза сериозно го руши економскиот стандард на граѓаните. Дополнително, инфлацијата и нискиот раст водат во ситуација на стагфлација. За жал, со економската криза се справуваат исто како што се справија и со здравствената криза. Реализацијата на капиталните расходи е исклучително ниска. Очигледно е дека оваа година како претходните, кратењето на капиталните расходи заради обезбедување на средства за справување со кризи, не може да ја убеди јавноста во искреноста на таа намера, поради секојдневните непродуктивните трошења, непотребните и сомнителни набавки. Доколку издадат нова еврообврзница од 600 милиони евра, вкупниот износ на издадени еврообврзници за мандат на оваа Влада ќе биде 2,5 милијарди евра, износ којшто треба да се покрие со идните буџети или пак да се рефинансира. Овој износ е речиси двојно повисок од 1,39 милијарди евра издадени обврзници во мандатот на Владата на ВМРО-ДПМНЕ во период од 10 години. Агонијата во која се наоѓаме само ќе се продлабочува доколку не се преземат вистински, суштински мерки кои ќе донесат подобра состојба на државата и повисок животен стандард на граѓаните, но секако и на идните генерации. Единствен реален излез се брзи предвремени избори народот да избере начин за излез од кризата. Секој еден ден минат со СДСМ на власт чини повеќе од брзи предвремени парламентарни избори, рече Илиеска.