Реформа е подобрување на некоја структура. Во случајот со таканаречената “даночна реформа“ од страна на Владата и поднесените предлог законски решенија се утврдува дека не станува збор за реформа, туку за нови даночни оптоварувања.
Законските решенија ниту еден ден не беа објавени на ЕНЕР и само еден месец пред новата календарска година се поднесени во собраниска процедура. Ваквиот начин на работа на Владата во економијата создава клима на неизвесност и несигурност.
Со “реформата “се укинува ослободувањето од обврската за плаќање на данокот на добивка на фирми кои што остваруваат приходи на годишно ниво до 3.000.000 денари.
Доколку се усвои овој предлог закон, категоријата која беше ослободена од данок на добивка до 3.000.000 денари промет, сега ќе плаќа данок со влегување во категоријата на обврзници од 3.000.001 ден до 6.000.000 денари промет, при што како до сега ќе избираат дали ќе плаќаат данок на добивка од 10% или 1% на вкупниот приход.
Во таа категорија спаѓаат микро даночни обврзници, кои што се најголем број, но истовремено се најкревки и најмали во економијата, со исклучок само на занаетчиите кои ги исполнуваат условите за паушално оданочување.
Во период на пост пандемиска здравствена и енергетска криза, економска криза пропратена со брзо растечка инфлација, неоправдана и неразвојна е идејата на „реформаторот“, од најкревките и најмалите да собира данок.
Во првите 6 месеци од годинава затвориле околу 5.000 фирми, а само последниве два месеци Октомври и Ноември затвориле 707 фирми, што е 11% повеќе од минатата година. Во истите последни два месеци се отворени 1.000 фирми помалку во споредба со минатата година, во атмосфера на намален тренд на отворање на нови правни лица, условите кои што се создаваат со законските измени само ќе стават клуч на многу мали бизниси.
Знаејќи дека малите фирми се нераскинлив дел од економијата, последиците ќе се рефлектираат и на средните и големи даночни обврзници.
Во таква околина, микро даночните обрзници Владата ги поттурнува до ивица на провалијата на сива зона, која наместо да ја намалуваат, со укинувањето на ослободувањето од данок на добивка до 3.000.000 денари, ја стимулираат неформалната економија.
За какво праведно оданочување станува збор, кога како последица на овој предлог закон се поттикнува сивата економија, затворање на фирми, отпуштање на вработени, зголемено иселување, нови социјални случаи.
Наспроти тоа неформалната економија останува во комфор зона.
На само неколку денови до новата календарска година, ниту даночните обврзници, ниту граѓаните знаат кои прехранбени производи ќе се оданочат по повластена стапка на данок на додадена вредност од 10%.
Освен споменатите опашки од ајкули, месо од кит, морски производи, тартуфи јавноста сеуште не е информирана за останатите илјадници прехранбени производи ,кои со донесувањето на ова законско решение ќе ги купува по повисока цена.
Владата со нетранспарентноста и непредвидливоста ја зголемува неизвесноста со која дополнително ја влошува атмосферата за време на кризни состојби и создава нови проблеми.
Ефектите од законските измени нема да го дадат очекуваниот резултат, напротив ќе бидат дестимулативни за фирмите.