Илија Димовски објави отворено писмо до Бујар Османи.

Писмото на Димовски го објавуваме во целост:

-Бујар Османи,

ги следам твоите настапи и одлучив да ти се обратам лично, не како на министер, туку како Илија на Бујар.

Во минатото сме разговарале многу пати, знам дека нема да ме разбереш единствено само ако немаш желба да ме разбереш.

Ве познавам лично и тебе и повеќето твои соработници од ДУИ и знам дека не можете воопшто да кажете дека не ги разбирате процесите, барем не на мене, но дозволи искрено и директно и заради тебе и заради јавноста да разговараме со суштински, а не со површни маркетиншки флоскули и аргументи.

Дозволи низ еден пластичен пример на аналогија да ти објаснам какви се овие времиња за Македонците.

Ќе употребам примери со Албанците како народ и нација, не за да навредам или се согласам со тие примери, туку да ти покажа и тебе и на твоите колеги што е тоа што се обидувате, заедно со СДСМ, да го покажете како нормално, а не е.

Замисли Бујар некој да ти предложи и да те пристиска, а ти, уште повеќе, да потпишеш и прифатиш дека:

Прво,

Албанците во Македонија не се ист народ со Албанците во Албанија, исто како што во „Преспа“ пишува дека Македонците од Македонија и Македонците од Грција немаат ништо заедничко и не се исти.

Второ,

замисли да мора да прифатиш и потпишеш дека Енвер Хоџа ја создал албанската нација на вештачки начин, онака како што бугарското Собрание со својата Декларација од 2019 година тврди за Тито и Македонците.

Трето,

еве помисли Бујар, како би ти било да треба да потпишеш и прифатиш дека Албанците во Македонија не смеат да го користат албанското знаме исто онака како што со Времената спогодба, а потоа и со „Преспа“ забранувате и брусите онаму каде што има македонско шеснаесеткрако сонце.

Четврто,

би можел ли да замислиш ситуација во која ти или некој колега од ДУИ мора да прифати и потпише дека Ѓерг Кастриот е Србин, а Хасан Приштина е Турчин, како што нам Македонците ни се случува секојдневно благодарение на промашената политика на оваа Влада, те за Гоце Делчев, те за десетици други борци за слобода на Македонија.

Петто,

би се согласил ли Бујар да ставиш во меѓународен правен договор дека Албанците немаат никакво илирско потекло ниту културолошко наследство од Илирите и дека на пример Илирите се Словени, а не Албанци, исто онака како што со „Преспа“ прифативте дека ние Македонците немаме никакво македонско потекло и дека Македонците биле Грци (види „Преспа“, член 7).

Шесто,

како би ти било да правиш „мали“ компромиси за албанската нација и историја со оние што секојдневно и со години наназад тврдат дека албанската нација е вештачка и создадена со албанизирање на Турци, Словени, Власи и Роми исто онака како што секојдневно преговарате „мали“ компромиси за историјата со оние кои имаат ваков однос и тврдење кон нас Македонците.
Еве вака изгледаат работите низ призмата на Македонците, доколку сакаш да погледнеш и знаеш.

Ова што го напишав не го посакувам на никому, ама не сакам ниту да дозволам некој да ме убедува дека ова што им се случува на Македонците е базирано на нормални европски вредности, затоа што не е.

Застани и размисли.

Затоа Бујар, Албанците во Македонија во овој случај мора да останат рамо до рамо со нас Македонците, затоа што ние Македонците сме најмал народ на Балканот, но Албанците се втор, а сите околу нас исто или слично се однесувале во историјата и кон нас и кон вас.

На еден ден престани да бидеш политичар и ќе разбереш колку многу грешиш.

Застани.

Се надевам дека ќе ме разбереш во добра намера и дека ќе размислиш длабоко за твоите постапки и чекори.

Застанете.

Прифаќањето на францускиот предлог е навреда за Македонците, но и ќе го одложи, а никако нема да го забрза евроинтегративниот процес.

Ако вашата Влада со СДСМ го прифати овој предлог ќе не навредите нас Македонците, но и ќе ја запечати секогаш шансата на Македонија да стане членка на Европската Унија.

Поздрав, Илија.