Илинден доби нова амбуланта, а на отворањето присуствуваше претседателот на Владата, Христијан Мицкоски. Тој присуствуваше на свечено отворање на ЈЗУ Здравствен дом Скопје – амбуланта Илинден, во населеното место Илинден.

  • Со особена чест и големо задоволство денес сме тука заедно за да ја отовриме новата амбуланта на Здравствениот дом – Скопје во општина Илинден. Проект кој не е само уште една зграда, туку доказ дека кога институциите соработуваат, кога има визија и посветеност кон граѓаните тогаш резултатите не изостануваат, изјави Мицкоски.

Мицкоски потенцираше дека во оваа амбуланта се вложени околу 16 милиони денари. Со придружната инфраструктура достигна 25 милиони денари.

  • Вредноста на овој објект е далеку поголема од паричниот износ, таа се мери во сигурноста на родителите дека нивните деца ќе имаат здравствена грижа близу до домот, во спокојот на повозрасноите жители кои веќе нема да мораат да патуваат далеку за преглед. Во достоинството на здравствените работници кои конечно добиваат услови какви што заслужуваат, потенцита Мицкоски во своето обраќање.

Тој додаде дека ова е плод на заеднички труд на министерството за здравство, владата и на локалната самоуправа Илинден.

  • Ова е моделот на функционирање кој го промовираме. Соработка наместо изговори, дела наместо зборови, потенцира Мицкоски.