Илјадници граѓани излегоа на улиците на Сараево за да изразат солидарност со жртвите од тешката сообраќајна несреќа во која трамвај излета од шините. Во несреќата загина 23-годишниот Ердоан Моранкиќ, а тешко повредена е 17-годишната Ела Јовановиќ.
Мирниот протест беше организиран преку социјалните мрежи, а најбројни беа младите – студенти и средношколци, меѓу кои и колеги на Моранкиќ од Сараевската академија за ликовни уметности.
Со транспаренти „Доста е“, „Корупцијата нè убива“ и „Ако нè убиете сите, од кого ќе крадете?“, демонстрантите побараа одговорност од институциите. Во рацете носеа фотографии од Моранкиќ и од Јовановиќ, ученичка во Католичкиот училишен центар „Свети Јосип“, на која поради сериозноста на повредите ѝ била ампутирана ногата. Лекарите ја оценуваат нејзината состојба како исклучително тешка и по операцијата.
Според првичните информации, трамвај стар повеќе од 40 години, произведен во поранешна Чехословачка, со голема брзина влегол во кривина, излетал од шините и удрил во трамвајска постојка. Истрагата е во тек, а возачот е задржан во притвор.
За време на протестот беа прочитани барања до окружните власти да се утврди одговорноста и да се објасни зошто старите трамваи сè уште сообраќаат, иако се набавени нови возила.
По положувањето цвеќе и палењето свеќи на местото на трагедијата, колоната се упати кон Општата болница каде што се лекува повредената девојка. На оградата беше поставен транспарент со пораката „Бори се, лавице“, како знак на поддршка и надеж.
