Речиси 4.500 лица биле жртви на сексуална злоупотреба извршена од католички свештеници од 2020 година, се наведува во најновиот извештај на италијанската група на жртви „Рете л’Абусо“ (Rete l’Abuso). Според податоците што ги објави организацијата, злоупотребите биле документирани преку изјави на жртвите, судски списи и медиумски извештаи.

Во извештајот се наведува дека најголемиот број од жртвите биле малолетни лица, односно 4.451 биле помлади од 18 години. Меѓу нив, 4.108 се мажи, пет се монахињи, 156 лица се водат како ранливи, а 11 се со инвалидитет.

Според документот, вкупно 1.106 лица биле злоупотребени од свештеници, а останатите биле жртви на сексуално малтретирање извршено од монахињи, волонтери, наставници по веронаука и членови на извиднички групи.

Извештајот се објавува по критиките што минатата недела Ватиканската комисија за заштита на децата ги упати кон Италијанската епископска конференција (ЦЕИ) поради, како што беше наведено, нејзиниот несоодветен одговор на случаите на злоупотреба.

Од 1.106 осомничени свештеници, само 76 биле изведени пред црковни судови, дел од нив биле преместени во други парохии, а 18 биле отпуштени или поднеле оставка. Пет свештеници, според извештајот, извршиле самоубиство за време на истрагите.

Во неодамнешно обраќање до епископите, Папата Лав Четиринаесетти нагласил дека обвинувањата за сексуална злоупотреба не смеат да се прикриваат.