Новиот сопственик на Twitter, Илон Маск, им ги врати профилите на новинарите кои беа блокирани откако ги прекршија правилата за забрана за објавување лични податоци.

Одлуката на милијардерот предизвика бран незадоволство и тој ја смени само по еден ден откако ја објави.

Маск направи анкета на Twitter. Вкупно гласале 3.69 милиони луѓе, од кои речиси 59 отсто се изјасниле за враќање на блокираните профили.

„Луѓето го кажаа своето мислење. Профилите ќе бидат вратени“, твитна Mаск.

Вчера Европската Унија му се закани со санкции на Twitter. ОН, од своја страна, го дефинираа блокирањето на профилите како „опасен преседан“.

Одлуката се однесуваше на десетици американски новинари, меѓу кои и водечките медиуми како CNN и весниците The New York Times и Washington Post.