Костадинов: Наместо независна кандидатура, замрзнувам статус и ќе ја градaм новата визија за СДСМ

Градоначалникот на Струмица од редовите на СДСМ, Костадин Костадинов, денеска преку објава на својот Фејсбук профил најави дека нема да се кандидира како независен кандидат на претстојните локални избори во октомври. Повлекувањето го образложи како потег со кој, како што вели, сака да ѝ даде шанса на партијата да си го врати достоинството.

Неговата нова објава следува само неколку часа откако во претходен пост најави учество на изборите преку две независни советнички листи. Но по реакциите што ги добил, донел поинаква одлука.

„Некогаш, за да си ги видиш луѓето околу себе, не треба повеќе од една реченица. Толку е доволно да го прочиташ пулсот. Да видиш кој што мисли, кој мисли како тебе, кој не мисли воопшто. Да видиш која е вистинската состојба на партијата – има ли таму уште искрени луѓе или само спакувани кариери со фолија за замрзнување,“ напиша Костадинов.

Критики до раководството на СДСМ и обвинувања за лажни анкети по Фејсбук групи

Во истата објава, Костадинов директно се осврна на однесувањето на раководството на СДСМ и одредени партиски структури кои, според него, организирале хајка и дистрибуирале анкети со лајкови преку социјалните мрежи.

„Кога споменав можност за независна кандидатура – без воопшто да одлучам – мислев дека ќе треба барем две недели за да се охрабрат и најголемите глумци да го покажат лицето. Не. Не им требаа две недели. Им требаа помалку од 24 часа. Секоја чест на исклучоците – на вистинските другари, чесните, лојалните, тие што навистина сакаат СДСМ да си го врати достоинството. А раководството? Раководството си донесе одлука – и покрај мое убедливо водство на сите анкети. Но, во обид да го убијат разумот, почнаа да пуштаат анкети на Фејсбук, со лајкови по групи, затоа што веќе не веруваат ни во анкетите што самите ги платиле. Епа, жално. Со такво раководство, многу е и една општина да се победи,“ стои во објавата.

Тој најави повлекување од јавната трка, но задржување во партијата со замрзнат статус и стратегија во два дела.

„Не, јас не одам како кандидат. Јас се повлекувам во тишина, за да создадам нова визија за СДСМ – партија со авторитет, со план, со луѓе кои разбираат стратегија и знаат дека партијата е жив организам, а не штаб за оговарање. Мојата стратегија ќе биде јасна – и ќе биде поделена во два дела:
🔸 Првиот – во септември.
🔸 Вториот – по завршување на локалните избори,“
напиша Костадинов.

„На првиот тест, паднавте. Во октомври, играјте повнимателно“

Во продолжение на своето јавно обраќање, тој испрати порака до партиските структури:

„До тогаш, правете си анкети по Фејсбук групи. Дури и тоа нека помогне да се победи барем во една општина. Јас ќе останам член со замрзнат статус – додека не ги видам резултатите. После – ќе биде друга песна. На првиот тест, паднавте. Во октомври, играјте повнимателно. Народот не е повеќе глупав. Политиката е игра на мудрите, изгледа и мудрост ѝ фали на партијата,“ напиша Костадинов.

Тој заврши со лична нота:

„Политичар кој нема изгубено избори и знае кога е време да се повлече еден чекор, за да се врати достоинството на СДСМ,“ напиша во завршницата на објавата.

Обвинувања кон поранешни сопартијци и хајка на социјалните мрежи

Во претходна објава објавена истиот ден, Костадинов се обрати и до, како што ги нарече, „бивши другари, скриени и веројатно платени“, обвинувајќи ги за организирана хајка.

„До моите ‘другари’ бивши, скриени и сега веројатно платени: Гледам организирана хајка од дел од вас – ботови, дезертери и моментални хероји по задача. Ќе бидам краток. Додека ние, вистински социјалдемократи, водевме крвави битки за државата и за СДСМ, вие чувавте постери од Груевски по шкафови – „за не дај боже“. Затоа попуштете малку со хистеријата, пред да морам да почнам со имиња и примери. Ако не можеме да изградиме партија, ајде барем да останеме луѓе. Секоја чест на исклучоците – нив ги гледам, ги почитувам и ги ценам,“ напиша Костадинов.