Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција поведе постапка против виш јавен обвинител во ВЈО Битола, поради постоење на основи на сомнение дека сторил кривично дело – Примање награда за противзаконито влијание од член 359 став 3 во врска со став 2 од Кривичниот законик, соопштија денеска од Обвинителството.

Во изминатиот период, преку повеќе дејствија и примена на посебни истражни мерки, обезбедени се докази кои упатуваат на основано сомнение дека тој го искористил своето реално влијание и службената положба што ја извршувал за недозволено да влијае врз одлучувањето на колеги јавни обвинители и судии во најмалку 4 поединечни предмети, на подрачјето на кое ја вршел својата функција. Притоа, ургирал за пониски казни или за да обезбеди поповолна позиција за осомничени или обвинети лица во кривична постапка, се вели во соопштението од ОЈО.

Во текот на вчерашниот ден, врз основа на судска наредба, беа извршени претреси во домот на осомничениот и во просториите на ВЈО Битола со цел обезбедување дополнителни докази.

Надлежниот јавен обвинител продолжува да го испитува случајот, а до судијата на претходна постапка достави предлог за определување мерки на претпазливост – одземање на патна исправа и забрана за преземање определени работни активности, односно оддалечување на осомничениот од работното место.