Има индиции дека пожарите се подметнати и не се резултат само на временски услови
Има индиции дека пожарите се подметнати, посочи министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, по денешната седница на кризниот штаб во Владата. Тој ја искористи изјавата за да изрази благодарност до ангажираните служби од МВР, Дирекцијата за заштита и спасување, Армијата, Центарот за управување со кризи и општинските тимови.
Тошковски истакна дека освен неповолните временски услови и силниот ветер, постојат основи за сомнение дека некои од пожарите биле предизвикани намерно. Во истрагата се вклучени повеќе институции кои собираат податоци од терен, особено во области блиску до инфраструктурни објекти, густо населени места и приватни имоти.
„Причина за распламнување на пожарите во најголема мера беа неповолни временски услови и силен ветер кој го имавме во текот на денот. Имаме основи на сомнение дека дел од пожарите се подметнати од човечки фактори. Во моментов се истражуваат повеќе наоди за подметнување на пожари близу клучни инфраструктурни капацитети, патишта, густо населени области и приватни објекти. Не сакам да шпекулирам, но можно е да се работи и за едно поинакво сценарио од она кое би било сценарио на случајност“, изјави Тошковски.
Приведени осомничени – пожарите следат повторлив образец
Тошковски додаде дека институциите веќе преземаат активности на терен и имаат конкретни постапки. Вчера било приведено лице кое било фатено во моментот кога пали пожар. Дополнително, се приведени и сопствениците на отпадот во Визбегово, каде утринава избувна голем пожар.
Тој посочи дека пожарите избувнуваат еден по друг, што ја зголемува загриженоста и сомнежите за намерно сценарио.
„Многу е симптоматично како се неутрализира и локализира еден пожар, набрзо започнува втор пожар. Како се неутрализира и локализира и тој пожар, почнува трет пожар. Сите тие се поврзани со одредена клучна инфраструктура во државата и од страна на професионалците во МВР сум информиран дека се сомневаат дека станува збор за одредено сценарио кое се сака да се постигне во Македонија. Спремни сме да одговориме и покажавме дека можеме и во иднина ќе одговориме соодветно. Сите оние што ќе се дрзнат да го доведат под знак прашалник животот на македонските граѓани, соодветно ќе бидат изведени пред лицето на правдата“, дециден беше министерот за внатрешни работи.