Инфекциите со варијантата Делта го ставија Југоисточен Квинсленд во карантин, вклучувајќи го и Бризбејн и некои соседни региони, бидејќи властите се обидуваат да го спречат епидемискиот бран, што е најголем во периодот од повеќе од една година.

Вицепремиерот на Квинсленд Стивен Мајлс побара од жителите да останат дома. „Секогаш кога некој ќе го напушти својот дом, ризикот од можно продолжување на заклучувањето се зголемува. Сега не е време за купување мебел за надвор, ќе има време пред летото да се купат лежалки“, рече Мајл.

И најголемиот австралиски град Сиднеј, каде дневните инфекции достигнуваат рекордни нивоа, ќе биде затворен до 28 август. Воведени се строги ограничувања, а војската и помага на полицијата да ги спроведе правилата за затворање.

Премиерката на Нов Јужен Велс, Гладис Береџиклиан рече дека државата треба да ја постигне целта од шест милиони дози вакцина до крајот на август, односно да ја вакцинира својата возрасна популација со најмалку една доза.

Во Австралија околу 20 проценти од луѓето постари од 16 години се целосно вакцинирани против коронавирус.

Од почетокот на пандемијата, Австралија потврди повеќе од 34.800 заразени и 927 смртни случаи.