Убиени со лажна униформа, започната истрага за мотивите
Минесота се разбуди со шок и болка по трагичниот напад што одекна низ Соединетите Американски Држави. Американската полиција го уапси 57-годишниот Венс Белтер по дводневна масовна потрага. Тој во саботата ја уби демократската пратеничка Мелиса Хортман и нејзиниот сопруг во нивниот дом, маскиран како полицаец. Само неколку километри подалеку, во друг напад, Белтер ги застрела и рани демократскиот сенатор Џон Хофман и неговата сопруга.
„Неговите незамисливи дејства ја променија Минесота“
Гувернерот на Минесота, Тим Волц, со потресени зборови ги опиша нападите како „политички мотивирани атентати“ и изрази длабока благодарност до органите на редот за апсењето на Белтер.
„По дводневна потрага, две бессони ноќи, органите на редот го уапсија Венс Белтер. Неговите незамисливи дејства ја променија Минесота“, изјави Волц.
Тој додаде дека сенаторот Хофман, кој преживеал девет куршуми, штотуку ја завршил последната операција и лекарите очекуваат негово закрепнување.
Листа со функционери и автоматско оружје
Белтер, кој се претставувал како безбедносен експерт со искуство од Газа и Африка, се соочува со две обвиненија за убиство од втор степен и две обвиненија за обид за убиство од втор степен.
Носел полициска униформа и управувал со џип „Форд“ што личел на полициско возило. По вооружен судир со вистинските полицајци пред домот на сенаторот Хофман во Бруклин Парк, побегнал пеш и бил фатен во рурална шумска област, сè уште вооружен.
Во неговото возило биле пронајдени три автоматски пушки „Калашников“, еден пиштол и листа со имиња и адреси на јавни службеници – не само од Минесота, туку и од други сојузни држави, што упатува на можни дополнителни цели.
„Сега почнува тешката работа да се откријат мотиви“, изјави шефот на полицијата на Бруклин Парк, Марк Брули.
Извор: СДК