Шведска годинава воведе голема финансиска помош за доброволно враќање на мигранти, пишува Б92.net.
Шведска на почетокот на годинава значително ја зголеми финансиската помош за луѓето кои сакаат доброволно да се вратат во својата татковина. За полнолетно лице се предвидени до 350.000 шведски круни, односно околу 32.000 евра, додека за цело домаќинство може да се добијат до 600.000 круни.
Мерката стапи во сила на 1 јануари 2026 година, а уште во првите неколку недели предизвика голем интерес. Според податоците на Шведската агенција за миграција, до средината на февруари се пријавиле 272 кандидати, од кои 82 барања веќе биле одбиени.
Неколку недели подоцна бројот на барања се зголемил на околу 370, а шведските власти ги одобриле и првите барања за новата, значително повисока финансиска помош.
Иако мерката често се опишува како плаќање на мигранти за да ја напуштат Шведска, таа не е достапна за сите странци кои живеат во земјата.
Парите може да се добијат за преселување во матичната земја или во друга земја во која лицето има право да живее, но не и за преселување во друга земја од ЕУ, Европската економска област или Швајцарија.
Владата ја оправдува мерката со желбата на лицата кои не успеале да се интегрираат во шведското општество да им се овозможи нов почеток во земјата на потекло.
Програмата за доброволно враќање во Шведска постои уште од 1984 година, но претходно многу малку луѓе ја користеле финансиската помош. Токму затоа владата одлучила драстично да го зголеми износот и да го направи доволно висок за да претставува вистински финансиски поттик за заминување.
Мерката, сепак, предизвика контроверзии. Шведската агенција за миграција уште во март објави дека ги одобрила првите барања, додека критичарите предупредија на можните проблеми од ваквата политика, како и на фактот дека зголемувањето на помошта е воведено и покрај резервите изнесени во претходно спроведена државна истрага. објави Скопје1.мк
