Резултатите од лабораториските анализи на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) на примероците од водата земени на четири локации во Гостивар покажале отстапувања од нормалните параметри, кои, според информациите до кои дошол „Слободен печат“, соодветствуваат на актуелната состојба во градот, каде што стотици граѓани деновиве побараа лекарска помош поради стомачни тегоби, дијареја и повраќање.

Според објавените информации, точните лабораториски наоди засега не се соопштуваат, бидејќи Јавното обвинителство побарало резултатите најпрво да бидат доставени до обвинителите, по што ќе следува вештачење со цел да се утврди дали евентуално небезбедната вода стигнала до водоводната мрежа и до чешмите на граѓаните.

„Слободен печат“ наведува дека примероците биле анализирани според критериумите што важат за вода за пиење, кои подразбираат построги стандарди за безбедност во однос на другите категории вода. Исто така, медиумот потсетува дека при земањето на мострите, стручните екипи на ИЈЗ наишле на отпор и притисоци од група граѓани, поради што примероците биле ставени на анализа дури во раните утрински часови.)

Во меѓувреме, бројот на нови пациенти со гастроинтестинални симптоми и натаму останува висок. Според последните информации, дневно се регистрираат меѓу 250 и 300 нови случаи, а во Гостивар е прогласена епидемија. Забраната за користење на водата останува во сила сè додека надлежните институции не утврдат дека таа е безбедна за употреба.