Доналд Трамп изјави дека САД „апсолутно“ имаат потреба од Гренланд, зборуваше за Венецуела, можни нови интервенции и остар тон кон новото раководство во Каракас.

Американскиот претседател Доналд Трамп во телефонско интервју за The Atlantic упати прикриена, но јасна закана до новата лидерка на Венецуела, Делси Родригез, порачувајќи дека ќе „плати многу висока цена, веројатно поголема од Мадуро“, доколку не постапува во согласност со очекувањата на Вашингтон.

Трамп јасно стави до знаење дека нема да толерира, како што го опиша, пркосното отфрлање на американската вооружена интервенција со која беше уапсен Николас Мадуро.

За време на разговорот, кој се одвивал кратко откако пристигнал во својот голф-клуб во Вест Палм Бич, Трамп бил во добро расположение и повторил дека Венецуела можеби нема да биде последната земја изложена на американска интервенција.

„Полошо од ова не може да биде“

„Гренланд ни треба, апсолутно“, рече Трамп, опишувајќи го островот, кој е дел од Данска, како област „опкружена со руски и кинески бродови“. Зборувајќи за иднината на Венецуела, тој јасно сигнализираше отстапување од своето поранешно противење на промени на режими.

„Знаете, обнова и промена на режимот, како и да сакате да го наречете тоа, се подобри од ова што го имаат сега. Полошо од ова не може да биде“, изјави Трамп.

Остриoт тон кон Родригез е во контраст со пофалбите што ѝ ги упати вчера, само неколку часа по американските воени напади врз Каракас и апсењето на Мадуро и неговата сопруга Силија Флорес со цел кривично гонење.

Трамп на прес-конференција по нападот изјави дека Родригез приватно му дала до знаење дека е подготвена да соработува со Америка, која, според него, привремено би „управувала“ со земјата. „Во суштина, таа е подготвена да го направи она што ние сметаме дека е неопходно за Венецуела повторно да стане голема“, рече Трамп вчера.

„Немам врска со Ирак, тоа беше Буш“

Родригез брзо ги отфрли таквите тврдења, порачувајќи дека земјата е „подготвена да ги брани своите природни ресурси“ и дека одбранбените и безбедносните структури остануваат верни на политиката на Мадуро, чиј повраток на власт го побара. „Никогаш повеќе нема да бидеме колонија“, изјави таа.

Можноста структурата на власта лојална на Мадуро да продолжи да се спротивставува на американската контрола го зголемува ризикот од долготраен конфликт за доминација над Венецуела, што би можело да бара дополнителен американски воен ангажман, па дури и окупација.

Трамп вчера изјави дека е подготвен да нареди нов бран воени дејствија во Венецуела доколку тоа го оцени како неопходно. „Обновата во случајот со Венецуела не е лоша работа. Таа земја пропадна. Тоа е пропадната држава. Целосно пропадната држава. Катастрофа во секоја смисла“, рече тој.

Трамп во говор од декември 2016 година, како новоизбран претседател, изјави дека САД ќе „престанат да рушат странски режими за кои не знаат ништо“. На прашањето зошто обновата и промената на режимот во Венецуела би биле поинакви од оние на кои претходно им се противел во Ирак, Трамп ја префрли одговорноста на поранешниот претседател Џорџ В. Буш.

„Јас немам никаква врска со Ирак. Тоа беше Буш. Него ќе мора да го прашате, бидејќи никогаш не смеевме да влеземе во Ирак. Со тоа започна катастрофата на Блискиот Исток“, нагласи Трамп.

„Не станува збор за хемисферата“

Трамп повеќепати изјави дека САД мора да ја задржат контролата врз западната хемисфера, повикувајќи се на своја верзија на Монроовата доктрина од 19 век, која ја нарекува „Донроева доктрина“. Но во интервјуто истакна дека одлуката за апсењето на венецуелскиот претседател не била донесена исклучиво поради географијата.

„Не станува збор за хемисферата. Станува збор за државата. За поединечни држави“, рече тој. На прашањето дали нападот врз Венецуела и подготвеноста за воена акција за преземање контрола над Гренланд се поврзани, Трамп одговори дека тоа е на другите да го проценат.

Американскиот државен секретар Марко Рубио вчера изјави дека светот треба внимателно да ја следи ситуацијата по операцијата во Венецуела. „Кога ќе каже дека ќе направи нешто, кога ќе каже дека ќе се справи со проблем, тој тоа навистина го мисли“, рече Рубио.

Трамп повторно нагласи дека Америка „има потреба“ од Гренланд. „На другите е да проценат што значи американската воена акција во Венецуела за Гренланд. Искрено, не знам. Марко вчера беше многу великодушен кон мене. Тогаш не зборував за Гренланд. Но Гренланд ни треба, апсолутно. Ни треба за одбрана“, заклучи Трамп.