Еден од најпознатите британски медиуми „Independent“ објави опширна репортажа за Охрид, опишувајќи го како едно од најстарите европски населби и како град што комбинира историски споменици, природна убавина и современа туристичка понуда. Охрид е претставен како место каде што калдрмисаните улици, староградската архитектура и бистрите води на езерото заштитено од УНЕСКО создаваат уникатно искуство за посетителите.
Градот, покрај својата историска тежина, се издвојува и како сè поважен регионален центар за патувања. Според весникот, Охрид нуди поглед во едно поранешно време, но истовремено покажува дека Македонија гради поамбициозен туристички профил.
Филип Стефаноски и DMC Balkans & Europe во фокусот
Во центарот на анализата е охриѓанецот Филип Стефаноски, основач на мултинационалната компанија DMC Balkans & Europe, која лани угостила десетици илјади странски туристи. Стефаноски е претставен како претприемач кој со вештачка интелигенција, регионални партнерства и стратегија заснована на „вера, интегритет и иновација“ успеал да го подигне угледот на балканскиот туризам.
Компанијата основана во Охрид денес оперира глобално, со канцеларии во Љубљана, Дубаи, Тајпеј, Куала Лумпур и Манила. Нуди прилагодени патувања, пакет-аранжмани, деловни настани и има сопствена AI-платформа Deb.travel, која овозможува целосно планирање на патување – летови, хотели, тури, трансфери и искуства – на едно место, по конкурентни цени.

Охрид како врата кон Балканот
Според репортажата, Охрид е идеална почетна точка за патувања низ Македонија, Албанија, Црна Гора, Хрватска, Словенија, Србија и Грција. Туристите можат да го поминат целиот одмор во градот – со 365 цркви, културни споменици, езерски плажи и традиционална македонска кујна или да го користат како база за пошироки тури.
Градот и понатаму ја задржува атмосферата на „скриен бисер“, но броевите и интересот од странските посетители укажуваат дека популарноста расте.

Владините мерки и туристичката ескпанзија
Иако статијата во „Индепендент“ е фокусирана на приватниот сектор и на работата на DMC Balkans & Europe, развојот на Охрид како туристички центар не би бил можен без подобрувањето на воздушната поврзаност на државно ниво.
Владата и Министерството за транспорт и врски, предводено од вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски, воведоа нов модел на субвенционирање на авиолинии кој наместо на заминувачки, се фокусира на пристигнувачки патници – со цел да се привлечат туристи, а не само да се олесни излезот на домашните патници.
Според програмата, авиокомпаниите добиваат субвенција од 9 евра по патник за Скопје и 12 евра по патник за Охрид, при што вкупно се планирани околу 110 милиони денари за 2025 година и повисоки износи за 2026 и 2027.
Според изјавите на Николоски, само во последните 12 месеци македонските аеродроми добиле 16 нови дестинации, а бројот на патници на охридскиот аеродром во првата половина од годината пораснал за околу 13 проценти, со очекување годишниот раст да биде двоцифрен
Министерот за транспорт, Александар Николоски, изјави дека Македонија ќе инвестира 2,7 милиони евра за реконструкција на административната зграда и доградба на терминалот на аеродромот во Охрид.
Проектот предвидува нова административна зграда од 250 m², целосна реконструкција на терминалната зграда (околу 2.000 m²) и паркинг-терен.
Проектот се очекува да биде завршен во март 2026
„Independent“ заклучува дека Охрид е многу повеќе од разгледница – тој станува симбол на нова туристичка ера во регионот, каде што богатата историја, природата и културното наследство се надополнуваат со современи иницијативи, иновативни компании и подобрена поврзаност.
Преку комбинација од силен приватен сектор и стабилни државни политики, Охрид постепено се позиционира како дестинација со европска препознатливост, а при тоа го задржува својот автентичен карактер.
