Индискиот институт за серуми (СИИ), најголемиот светски производител на вакцини, кој ја произведува вакцината на Астра Зенека, се надева дека до крајот на годината ќе почне со испораки во други земји и програмата КОВАКС за сиромашните земји.

– Нагласуваме дека никогаш не сме ја извезувале вакцината на штета на индискиот народ и дека ќе се потрудиме да вакцинираме што повеќе луѓе во земјата, се наведува во соопштението на СИИ.

Индија соочена со пораст на бројот на новозаболени луѓе, пред еден месец го стопира извозот на вакцини против Ковид-19, откако донираше или продаде повеќе од 66 милиони дози. Во Индија со Ковид-19 се инфицирани над 25 милиони луѓе и секој ден се регистрира рекорден број на пациенти.

Светска здравствена организација (СЗО), која управува со КОВАКС, вчера упати апел до другите земји да го интензивираат производството на вакцини против Ковид-19 со цел да се надоместат вакцините од Индија.